
Новиот Колективен договор за вработените во јавните установи за социјална заштита се објави во Службен весник на РСМ бр. 166/2025 и со истиот се уредуваат статусот, правата, обврските и одговорностите како и другите прашања во врска со работниот однос на вработените во Јавните установи за социјална заштита. Овој колективен договор стапува во сила со денот на склучувањето, а се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на РСМ„, т.е 8 август 2025 година.
За кого важи колективниот договор?
Работодавач во смисла на овој Колективен договор се Јавните установи основани од Владата на РСМ, општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје.
Вработени во смисла на овој Колективен договор се лицата кои засновале работен однос со работодавачот согласно Законот за социјална заштита, Законот за административните службеници, Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работните односи, на неопределено и определено работно време, со полно, со пократко од полно работно време, преку Агенции за привремени вработувања, а врз основа на склучен договор или издадено решение од страна на работодавач, а се даватели на јавни услуги, административни службеници и помошно-технички персонал и директори на јавните установи за социјална заштита.
Овој колективен договор е задолжителен и ги обврзува работодавачот и вработените кај него на негова непосредна примена.
Временски период на важење
Овој Колективен договор се склучува за период од 2 години со можност за продолжување со писмена спогодба на страните на договорот, која се склучува најдоцна 30 дена пред истекот на важењето на колективниот договор.
Доколку не дојде до продолжување на овој Колективен договор или склучување на нов по истекот на времето на важење, неговите одредби се применуваат и важат до склучување на нов колективен договор.
Од кога ќе се пресметува платата по новиот колективен договор?
Начинот на пресметување на плата и вредноста на коефициентите за пресметување на бруто платата согласно членовите 26, 27, 28 и 29 од овој Колективен договор започнува да се применува од 01.08.2025 година, започнувајќи со пресметката на платата за месец јули 2025 година.
Исплата на додаток за степен на кариера
На вработените на кои до денот на влегувањето во сила на овој колективен договор им се исплаќа додаток за степен на кариера согласно со Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија„ број 27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16,80/16, 127/16, 12/16, 2/17, 11/18 и 275/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија„ број 4/20,215/21, 99/22, 208/24 и 144/25), при исплата на платата им се пресметуваат дополнителни бодови за стекнат степен на кариера во делот на плата за ниво и согласно член 98 став 2 од Законот за административни службеници, продолжуваат да им се пресметуваат како дополнителни бодови во делот на платата за ниво во вредност на исплатениот додаток, и со започнување на примена на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија„бр.144 од 17.07.2025 година), се до промената на нивото на вработениот, по основ на унапредување.
Во прилог Новиот Колективен договор