
Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри се објави во Службен весник на РСМ бр. 148/2026 и влегува во сила од 14 јули 2026 година.
Со новиот закон:
-
се зголемува ограничувањето во рекламирањето на игрите на среќа,
-
се ограничува оддалеченост на деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во автомат клуб, казино и електронски игри на среќа од основни и средни училишта на минимум 500 метри,
-
се зголемуваат надоместоците за добивање лиценци, дозволи, а се зголемуваат и износите на банкарските гаранции,
-
се зголемуваат роковите во кои надлежните инстиутици треба да ги издадат лиценците, дозволите и сл.
-
се воведуваат критериуми за репутација кои треба да ги исполнуваат членовите на органот на управување, содружниците и соработниците на друштвата на кои им се издадени лиценци за игри на среќа како важен фактор во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам,
-
се воведува обврска за приредувачите на игрите на среќа во автомат клуб и казино, како и за приредувачот на електронските игри на среќа задолжително да имаат поставено глобален систем за позиционирање на локација ГПС на секој автомат за игри на среќа, влт односно терминал. ГПС-от треба да е во постојана електронска комуникација со Управата за јавни приходи,
-
се воведуваат надоместоци за отворање на нови уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и за секоја деловна просторија на автомат клубовите,
-
се пропишува организирањето на подарување (giveaway) како игра на среќа во која влогот е преку лајкувања, тагнувања и објави и која заради рекламирање на производи и услуги ги приредува едно трговско друштво или трговец поединец, на начин определен од страна на приредувачот на играта на среќа (на вообичаен начин, електронски начин, по пат на мобилен уред, интернет и слично) со јавно објавување на условите за учество во играта утврдени со правилата на играта, при што приредувачот на играта на среќа мора да добие дозвола од Министерство за финансии,
-
се зголемуваат глобите.
Од 1 јануари 2028 г. ќе се применуваат одредбите:
-
кои се однесуваат на оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалници во кои се поставени електронски видеолотариски терминали или терминали, компјутери, во казино кое не е во состав на хотел, во автомат клуб и електронски игри на среќа од основни и средни училишта и
-
кои се однесуваат на поставување на ГПС на автоматите за игри на среќа и
-
електронските видеолотариски терминали (до овој датум Царинската управа на РСМ ќе води регистар на сериски броеви на увезените автомати за игри на среќа и електронски видеолотариски терминали),
-
доставување на барања и акти и прибавување на докази преку Националната платформа за интероперабилност.
Од 1 јануари 2027 година ќе се применува одредбата според која: Лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, електронските и интернет игри на среќа, самостојно ќе ги приредува трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое РСМ е единствен акционер.
Важност на лиценци
Лиценците, дозволите за приредување на игри на среќа и забавни игри и решенијата за овластување за утврдување на техничка исправност на автоматите и масите за игри на среќа издадени согласно стариот Закон за игрите на среќа и за забавните игри продолжуваат да важат до истекот на временскиот период за кој се издадени.
Започнатите постапки за добивање лиценци, барања, согласности и слично ќе завршат согласно стариот Закон за игрите на среќа и за забавните игри.
Усогласување со новиот закон
До 14.01.2027 г. односно во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на законот (14.07.2026 г.) сите приредувачи на игри на среќа треба да го усогласат работењето со одредбите за начинот на рекламирање на игрите на среќа. Во спротивно Владата на РСМ на предлог на Министерството за финансии со одлука ќе ги одземе лиценците.
До 14.01.2027 г. односно во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на законот (14.07.2026 г.) сите приредувачи на игри на среќа треба да го усогласат работењето со одредбите репутација (чесност, компетентност, работливост и поседување личен интегритет кои даваат сигурност дека лицето нема да влијае во насока на загрозување и нарушување на угледот и довербата на јавноста во друштвото за приредување на игри на среќа). Во спротивно Владата на РСМ на предлог на Министерството за финансии со одлука ќе ги одземе лиценците.
До 14.07.2027 г. односно во рок од 1 година од влегувањето во сила на законот (14.07.2026 г.) треба да се усогласат приредувачите на игрите на среќа на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон им е издадена лиценца за приредување игри на среќа во обложувалница и во автомат клуб.